Рис (науч. Lynx) — род составен од четири видови на средноголеми диви мачки од родот рис. Името на рисот доаѓа од грчкиот збор “lynx”, со потекло од индоевропскиот корен “leuk”, што значи „светлина, сјај“, поради сјајот на неговите очи. Денес доаѓа до голема забуна во врска со класифицирањето на семејството мачки, а некои ги класифицираат како дел од родот Фелис. Каракалот, кој понекогаш се нарекува персиски рис или африкански рис, не припаѓа на овој род. 


Карактеристично за рисот е кратката опашка и црните перчиња на врвот на ушите. Под вратот има грива со црни линии (не секогаш видливи), кои наликуваат на вратоврска. Рисот има широки шепи погодни за одење по снег, и големи мустаќи на лицето. 


Бојата на крзното варира од ‘рѓаво кафеава до жолто кафеава, а понекогаш е обележана и со темно-кафеави точки, особено на екстремитетите. Сите видови рис имаат бело крзно на градите, стомакот и на внатрешноста на нозете, кои се продолжетоци од крзното на градите и стомакот. Бојата на рисот, изгледот на крзното и големината на шепите варираат во зависност од неговиот климатски регион - во југозападните делови на Соединтетите Американски Држави крзното е со кратко влакно, темна боја, а шепите се потесни; како рисот се движи кон поладната, северна клима, крзното постепено станува погусто (за да го штити од студот), бојата е посветла (заради камуфлирање), а неговите шепи се зголемуваат и стануваат сè пошироки (за полесно движење по снег). Шепите се зголемуваат до тој степен што може да станат поголеми од човечка рака или стапало. 


Рисот има неверојатно добар слух и 28 заби, кои ги забива длабоко во жртвата. Забите му се од голема помош, бидејќи тој не е најуспешниот ловец и ги губи повеќето од своите жртви поради разни други причини. 


Најмалиот рис е бобкет рисот и канадскиот рис, додека најголем е евроазискиот рис. Сепак, постојат значителни разлики во рамките на еден вид.