Фјодор Михајлович Достоевски (1821-1881) е еден од најистакнатите руски писатели: романописец, новелист и публицист. Автор е на романите: Бедни луѓе, Понижени и навредени, Злосторство и казна, Коцкар, Идиот, Бесови, Младичот, Браќа Карамазови; новелите: Двојник, Бели ноќи, Неточка Незванова, Записи од подземјето; записите: Записи од мртвиот дом и други дела. Достоевски ја развил техниката на струење на свеста многу порано пред таа да стане популарна во англо – американскиот роман на 20- тиот век, за што е добар пример подолгата новела Кротка, правејќи временски пресек во свеста на нараторот. Делото е создадено во 1876 година, во неговата последна деценија од животот и е објавено во рамките на неговиот писателски дневник. Всушност, Достоевски создал нов вид публицистика – преку писателовото мислење за темите на денот. Така е создаден Писателовиот дневник. Во 1875 година е објавен романот Младичот, а наскоро и двете мали трагедии – новелите: Кротка и Сонот на смешниот човек. Кротка е една од најпотресните новели на очајот во светската литература. Тоа е приказна за кротката душа која себеси се уништила, измачувајќи се со човековата мисла за неможноста за автентична комуникација меѓу луѓето, за љубовта и неразбирањето, за смислата и бесмислата, за вечното страдање...
- Залиха: Достапно
- Код: B35UKQ
- Димензии: 0.00cm x 14.00cm x 20.00cm
- Година на издавање: 2005
- Бр. на страници: 54
- Јазик: македонски
- ISBN: 9989-33-188-X